24.04.2023 Скопје
Турција очекува 50,59 милијарди евра приход од туризмот оваа година, што ќе и помогне на турската економија полека да се опорави од последиците од разорниот земјотрес во февруари.
„Турција е атрактивна дестинација поради падот на вредноста на турската лира и поради инфлацијата на европските пазари, особено во Велика Британија“, смета шефот на туристичкиот одбор на Мармарис, Али Кирли.
Очекувањата се големи, бидејќи приходите од туризмот претставуваат десет отсто од турскиот БДП, а во 2022 година околу 1,7 милиони луѓе, или пет отсто од сите вработени во Турција, работеле во секторот за сместување и услуги за храна.
Закрепнувањето на турскиот туризам засега е бавно, бидејќи податоците покажуваат дека по земјотресот, бројот на посети на Истанбул за две ноќевања е намален за 31 отсто во однос на истиот период во 2019 година.
Покрај стравот од нов земјотрес, на туристите им попречуваат и претседателските и парламентарните избори што ќе се одржат во Турција на 14 мај, па туристичките експерти дури по тој период очекуваат значително зголемување на посетите.
Бројките од популарните турски летувалишта се надежни, бидејќи бројот на туристи во летувалиштето Анталија во март се зголемил за 54 отсто во споредба со истиот период лани. Туристите од Русија се во водство, а потоа следат Германците и Британците.
Во 2022 година Турција ја посетиле 44,56 милиони луѓе, што претставува скок од 80 отсто во однос на претходната година, но тоа е уште помалку во споредба со 2019 година, кога земјата ја посетиле 45,06 милиони луѓе.
Подготвено од А.Ѓ.