26.04.2023 Скопје
Откако суданските борци ја зазедоа Националната лабораторија за јавно здравје во главниот град Картум, Светската здравствена организација предупреди на „огромен биолошки ризик“.
Другите нации работат на забрзување на евакуацијата на нивните државјани од земјата каде што е прекршен прекинот на огнот под покровителство на САД.
Светската здравствена организација објави и дека во конфликтот загинале најмалку 459 луѓе, додека повеќе од 4.000 од нив биле ранети или повредени.
Се уште не е познато која од завојуваните страни ја има преземено Националната лабораторија за јавно здравје, но таа содржи примероци од микроорганизми кои предизвикуваат заразни болести, како и други биолошки материјали. Светската здравствена организација потврди дека медицинските техничари повеќе немаат пристап до установата.
Претставник на Светската здравствена организација во Судан, Нима Саид Абид, го опиша настанот како „исклучително опасен“. Воедно, истакна дека во лабораторијата има изолати на полиомиелитис, сипаници и колера, потенцирајќи дека постои огромен биолошки ризик во окупацијата на таква лабораторија од страна на една од борбените групи.
Во лабораторијата веќе нема струја, што значи дека не е можно да се одржуваат биолошки материјали и примероци на адекватен и безбеден начин. Исто така, постои ризик од расипување или истекување на снабдувањето со крв.
Подготвено од А.Ѓ.