svetski patuvachki festival

19.04.2023 Скопје

НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, во соработка со Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова, Романија, од денеска до 22 април ќе биде домаќин на Светскиот поетски патувачки фестивал „Прличев и Еминеску – поглед кон иднината“.

Во Охрид се очекува да допатуваат поетите: Јон Деаконеску и Константин Барубу од Романија, Тибор Залан од Унгарија, Бојко Ламбовски од Бугарија, Атила Балаж од Словачка, Градимир Гојер од Босна и Херцеговина, Јетон Келеменди и Љуљзим Тафа од Косово и македонските поети: Зоран Анчевски, Славе Ѓорѓо Димоски и Иван Антоновски.

Во рамките на тридневната програма, поетите в четврток, во Прличевата одаја на охридската библиотека, заеднички ќе ги прошират видиците преку размена на информации за животот и творештвото на двајцата исклучителни поети – Григор Прличев и Михаи Еминеску – кои живееле и твореле во 19 век, не се познавале, но, според критиката, секој засебно е симбол на најпознатите и најценети поети од тој период во македонската и во романската книжевност и култура.

Учесниците на Светскиот поетски фестивал во следните два дена ќе имаат можност преку неколку читања да го претстават своето творештво.

Светскиот поетски патувачки фестивал се реализира со поддршка од Министерството за култура на Северна Македонија, а во соработка со Меѓународната академија „Михаи Еминеску“ од Крајова, Романија.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author