toploten bran

20.04.2023 Скопје

Екстремниот топлотен бран зафати поголем дел од Азија, предизвикувајќи смртни случаи и затворање на училишта во Индија и рекордни температури во Кина, Тајланд и Лаос.

Како последица на високите температури во Индија, 13 лица починаа, а уште осум добија медицинска помош поради сончев удар, за време на повеќечасовен настан одржан на отворено во државата Махараштра.

Високите температури беа опишани како „најлошиот априлски топлотен бран во азиската историја“.

Локалните медиуми во Кина објавија дека рекордни температури за април се забележани на многу локации, вклучувајќи ги Ченгду, Жеџијанг, Нанџинг, Хангжу и други области на делтата на реката Јангце.

Невообичаено високи температури во последните денови се забележани и во Југоисточна Азија, вклучувајќи го и Луанг Прабанг во Лаос, кој оваа недела забележа 42,7 степени Целзиусови, што е највисока сигурна температура во историјата на градот.

Главниот град на Лаос, Виентиан, во саботата забележа 41,4 степени Целзиусови, најтоплиот ден досега за главниот град.

Во Тајланд, владината мониторинг станица во северозападниот дел на земјата измери 45,4 во саботата, надминувајќи го претходниот максимум од 44,6 степени во 2016 година.

Во главниот град на Бангладеш, Дака, температурите се искачија над 40 степени Целзиусови во саботата, најтоплиот ден во последните 58 години, што предизвика топење на патиштата.

Се вели дека Индија стана особено ранлива на екстремни горештини во последниве години, а експертите стравуваат дека оваа година може да биде уште полоша.

Топлотниот бран во април особено ги погоди некои индиски држави, а метеоролошкиот оддел оваа недела издаде портокалово предупредување за силен топлотен бран во делови на Бихар, Џарканд, Одиша, Андра Прадеш и Западен Бенгал.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author