26.04.2023 Скопје
Истражувачката ракета, која во понеделникот наутро беше лансирана од Шведската вселенска корпорација, не функционирала и паднала на територијата на соседна Норвешка.
Ракетата, лансирана од вселенскиот центар во Кируна, падна на планина во општина Малселв на крајниот север на Норвешка, на десетина километри од најблиското населено место.
Во инцидентот нема повредени, а не е забележана материјална штета. Ракетата вршела експерименти во нулта гравитација на височина од 250 километри.
„Ракетата имаше нешто подолга и западна траекторија од пресметаната и слета по летот на 15 километри во внатрешноста на територијата на Норвешка. Потрагата по делови е во тек“, соопшти Шведската вселенска корпорација.
Норвешка го изрази своето незадоволство што Шведска веднаш не ја информирала за нејзината истражувачка ракета што се урна.
„Падот на таква ракета е многу сериозен инцидент кој може да предизвика сериозна штета. Кога ќе се случи такво прекршување на границата, од клучно значење е одговорните веднаш да ги информираат надлежните норвешки власти преку соодветни канали“, се вели во соопштението на норвешкото министерство.
Министерството укажа и дека потрагата по делови од ракетата не требало да започне без норвешко одобрение, кое не било дадено, пренесуваат агенциите.
Норвешката управа за цивилно воздухопловство соопшти дека дознала за инцидентот од соопштението за печатот на Шведската вселенска корпорација.
Подготвено од А.Ѓ.