03.04.2023 Скопје
Денеска Владата ја донесе Одлуката со која се замрзнуваат цените на доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот. Одлуката ќе важи од 5 април до крајот на месецов.
Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека свежите домати ќе чинат максимум 70 денари, краставиците 75, кромидот 60, карфиолот 70, пиперот 90, гравот 75, леќата 110, бананите 70, портокалите 55, мандарините 60 и лимонот 55 денари.
Бектеши ги уверува граѓаните дека согласно сите анализи, цените, посебно на прехранбените производи и енергенсите, целосно се стабилизирани и имаат надолен тренд на намалување.
Министерот ги повика трговците да ја почитуваат Одлуката. Анализите покажале, напомена министерот, дека за овие производи имало големи маржи кои во март достигнале дури 200 – 250 отсто.
Подготвено од А.Ѓ.