24.04.2023 Скопје
Поранешниот перуански претседател Алехандро Толедо (77) пристигна во Перу од САД, кои го екстрадираа на властите во Лима под обвинение за примање мито од десетици милиони долари.
Така Толедо стана третиот поранешен лидер на таа јужноамериканска земја кој завршил во затвор.
До судењето, Толедо ќе биде во притвор 18 месеци, во казнено-поправен дом во близина на главниот град Лима.
Поранешните претседатели Алберто Фуџимори и Педро Кастиљо се во ист затвор.
Адвокатот на Толедо рече дека ќе побара Толедо да биде во домашен притвор поради здравствени причини.
Толедо, кој беше претседател помеѓу 2001 и 2006 година, во петокот им се предаде на американските власти и во неделата беше екстрадиран во Лима.
Властите го обвинуваат дека примил 35 милиони долари мито од бразилската градежна компанија „Одербрехт“, а за возврат им овозможил да добијат работа на изградбата на автопатот.
Тој ги отфрли обвинувањата за корупција, а во обвинувањата стои и дека е вмешан во перење пари. Обвинителството побара затворска казна од 20 години за Толедо.
Толедо е во САД веќе неколку години, а американскиот суд во петокот ја отфрли неговата последна жалба да го екстрадира во Перу.
Подготвено од А.Ѓ.