28.04.2023 Скопје
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави дека ситуацијата во Судан може да се влоши во секој момент и американските граѓани треба да ја напуштат африканската земја во следните 24 до 48 часа.
Жан-Пјер рече дека ситуацијата најверојатно нема да се подобри.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден е загрижена дека се прекршува договорот за прекин на огнот, а Стејт департментот веќе го евакуирал својот конзуларен персонал.
Вчеравечер со посредство на САД и Саудиска Арабија е договорено продолжување на прекинот на огнот за уште 72 часа, а истиот стапи на сила на полноќ.
Борбите меѓу суданската армија и Силите за брза реакција (РСФ) се во тек во Судан од 15 април.
Конфликтот избувна меѓу единиците лојални на суданскиот воен владетел Абдел Фатах ал-Бурхан и РСФ предводени од Мохамед Хамдан Дагал, познат како Хемедти, кој е заменик-шеф на владејачкиот совет во кој беа вклучени и двајцата лидери.
Нивната борба за моќ ја оневозможи транзицијата кон цивилно владеење и предизвика страв од долга граѓанска војна.
Досега во Судан се убиени најмалку 500 луѓе, а повеќе од 4.000 се ранети.
Светската здравствена организација стравува дека бројот на загинати би можел да биде значително поголем.
Подготвено од А.Ѓ.