07.04.2023 Скопје
Земјоделците во Романија денеска ќе протестираат во Букурешт и во 18 окрузи во земјата против репарациите предложени од Европската комисија за штетите предизвикани од ослободениот увоз на житарки од Украина.
Како што пренесуваат тамошните медиуми барањето на земјоделците до ЕУ е да се укине специјалниот режим што се применува за производите увезени од Украина, што според нив сериозно му штети на романскиот пазар.
По незадоволството изразено од неколку земји-членки, Европската комисија минатата недела најави дека ќе подготви втор пакет за компензација за европските земјоделци. Средствата изнесуваат вкупно 75 милиони евра. Но, романските земјоделци се незадоволни од решението, проценувајќи ги економските загуби од 200 милиони евра.
Минатиот месец Европската комисија додели пакет од 56,3 милиони евра за земјоделците во Бугарија, Полска и Романија. По притисокот од трите земји, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се договорија да ги зголемат износите и со тоа да доделат втор компензаторски пакет.
Подготвено од М.Н.