01.04.2023 Скопје
Од денеска, на околу 120.000 сметки на работници во државата ќе треба да легнат по 2170 денари повеќе, или вкупно 20 170 месечна плата која според законот треба да биде најниска во државата.
Минималната плата продолжува да расте, но проблемот со останатите плати во државата и натаму останува системски нерешен.
Но, и понатаму нема договор за начинот на кој треба да пораснат и останатите плати во државата. Дел од државните службеници го добиваат зголемувањето во посакуваниот износ, но останатиот дел останува да бие битка со Владата преку системско решение да се обезбеди идентичен раст и во останатите дејности. Синдикатите се на нозе и бараат процентуално решение, а не како што се предлага линерано.
Од синдикатот за образование СОНК истакнаа дека работат на усогласување на нивниот колективен договор со минималната плата и отворено имаат кажано дека вакво линеарно зголемување на платите не прифаќаат. Воедно, додадоа дека „ако со општиот колективен договор се најде формула за сите во јавниот сектор да се зголемува процентуално, тогаш е во ред, ако не, по гранскиот колективен договор бараме решение за процентуално зголемување“.
Ставот на Синдикатот за образование е дециден, а го поддржуваат и добар дел од останатите синдикати. Оние во здравството и полицијата постигнаа одреден договор, но тој според синдикатите е далеку од вистинското решение.
Минималецот се зголемува во период на тензии околу платите на функционерите,кои со одлука на Уставниот суд од денеска треба да се исплаќаат енормно повисоки, односно дури до 78% повеќе. Јавноста е бесна откако стана јасно дека функционерите од централната, локалната власт, вработените во судството, ќе добиваат енормно повисоки плати откако Уставен суд укина два члена со кои се овозможи пресметка со волку висок коефициент.
Критиките не ги смируваат ниту најавите дека ќе се оди на решение со законски измени да се намали коефициентот врз чија основа ќе се утврдуваат платите на функционерите. Тоа го најави и Владата, од каде соопштија дека одлуката на Уставен суд е конечна и треба да се почитува, но оти тоа не значи дека функционерите ќе добијат покачување од 78% како што се шпекулирало во јавноста. Оттаму најавија дека прават анализи да го намалат коефициентот за пресметка на платите, но нема објаснување што ќе значи тоа во пракса и за колку проценти ќе им пораснат платите. Решението допрва би се барало преку поинаква, пониска формула односно коефициент, преку закон во парламентот.
Подготвено од А.Ѓ.