03.04.2023 Скопје
Податоците на Меѓународната агенција за енергија, ИЕА, покажуваат дека глобалната продажба на топлински пумпи се зголеми за 11 отсто минатата година и за рекордни 40 отсто во Европа.
Продажбата на топлински пумпи, еколошки начин на греење, е зголемена со зголемената поддршка на политиката и стимулации во светлината на високите цени на природниот гас и напорите за намалување на емисиите на стакленички гасови.
Анализата на Меѓународната агенција за енергија покажа дека глобалната продажба на топлински пумпи, технологија која е клучна за декарбонизација на греењето на зградите, забележа двоцифрен раст втора година по ред.
Во Европа, продажбата на топлински пумпи забележа раст од 40 отсто, со продадени три милиони единици. Продажбата на моделите воздух-вода, кои се компатибилни со радијатори и системи за подно греење, е зголемена за 50 отсто.
Европа е најтешко погодена од актуелната глобална енергетска криза, влошена од помалиот проток на гас од Русија во регионот. Цените на природниот гас во Европа достигнаа рекордно високо ниво поради прекините во снабдувањето, што го натера регионот да ја намали побарувачката на гас и да користи нови алтернативни извори и технологии како што се топлинските пумпи.
Нивната продажба во Кина, најголемиот светски пазар за топлински пумпи, остана иста, додека купувањето во САД го надмина купувањето на гасни печки.
Кина е најголемиот производител и извозник на оваа технологија, произведувајќи 40 отсто од топлинските пумпи ширум светот, а најголем дел од извозот оди во Европа.
Според анализата, во Австралија и Нов Зеланд топлинските пумпи воздух-воздух веќе се најчест извор на греење.
Во извештајот на Меѓународната агенција за енергија се наведува дека во иднина, топлинските пумпи би можече да покриваат повеќе од половина од глобалните потреби за греење.
Во моментов, десет проценти од зградите во светот се греат на овој начин, со природен гас е 38 проценти, а нафтата учествува со 13 проценти.
Топлинските пумпи треба да покриваат 20 проценти од глобалните потреби за греење во зградите до 2030 година, со цел да се усогласат со постоечките национални цели за енергија и клима.
Меѓународната агенција за енергија предвидува дека светот е речиси на пат да ја достигне оваа пресвртница доколку продажбата продолжи да расте со слична стапка како во изминатите две години.
Продажбата на топлински пумпи треба да расте за повеќе од 15 проценти годишно оваа деценија со цел да се постигнат нето нула емисии ширум светот до 2050 година.
Подготвено од А.Ѓ.