08.04.2023 Скопје
Тензиите меѓу Израел и Палестинците се зголемија откако еден италијански турист загина, а пет лица беа повредени во синоќешниот напад со автомобил во Тел Авив.
Нападот беше извршен неколку часа откако две израелски сестри беа убиени во престрелка на окупираниот Западен Брег.
Овие случувања, по прекуграничните напади во Газа и Либан, придонесоа за засилени тензии меѓу Израел и Палестинците по рациите на израелската полиција на џамијата Ал Акса во Ерусалим оваа недела.
Тензиите се заканија да се прелеат во поширок конфликт бидејќи Израел одговори со погодување цели поврзани со исламистичката група Хамас во Газа и јужен Либан, но борбите завршија вчера.
Сепак, двата нови напади покажуваат колку е нестабилна ситуацијата по последователни ноќи на насилство, што предизвика тревога низ целиот свет и повици за смиреност.
Во последниот напад, автомобил удрил во група луѓе на улица во близина на популарна велосипедска и пешачка патека на шеталиштето во Тел Авив. Полицијата соопшти дека возачот бил застрелан од службеник во близина кога се обидел да го извади пиштолот.
Израелски безбедносен извор го идентификуваше напаѓачот како арапски државјанин на Израел од градот Кафр Касем.
Од Брзата помош соопштија дека сите жртви се странски туристи. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани потврди дека еден Италијанец е убиен и рече дека меѓу повредените може да има повеќе Италијанци.
Подготвено од А.Ѓ.