26.04.2023 Скопје
Припадниците на германската царина во текот на вчерашниот ден извршија неколку рации на градилишта низ Германија за да го проверат статусот на работниците и во таа прилика открија десетици случаи на нелегална работа, главно работници од Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Грузија.
Една од најголемите акции беше спроведена вчера во Дизелдорф на градилиштето на улицата Ванхајмер, недалеку од аеродромот. Само овде се приведени 19 работници кои работеле на црно, главно од Босна и Херцеговина.
Михаел Валк, портпарол на главната царинска испостава во Дизелдорф, вели дека досега никогаш не наишле на толку голем број непријавени работници, кои нелегално престојуваат во Германија. Тој додаде дека при вчерашната контрола, еден од приведените работници се обидел да побегне, се сокрил меѓу палетите на градилиштето, но набрзо го пронашле.
Инаку, за тоа што вчера имаше рации низ цела Германија говори и фактот што цариниците контролираа и големо градилиште на поранешниот американски магацин во Гисен, во сојузната покраина Хесен. Акцијата резултираше со 29 апсења за незаконско работење. Имаше уште девет апсења при проверки во Фулда и Касел.
„Царината со својата посветеност сака да покаже дека незаконската работа не се исплати!“, рече Стефани Ауерсвалд, портпарол на Царината во Гисен.
Според соопштението, во текот на вчерашниот ден биле проверени 200 лица од околу 60 фирми. Најлошо поминале работниците од БиХ и Србија, од кои 29 немале валидна дозвола за престој за работа во Германија. Тие се приведени, против нив е отворена истрага исто како и против работодавачите.
Инаку, Царината соопшти дека целта на вчерашните рации била да се контролира почитувањето на прописите за минимални саатнини, но наишле на многу поголем проблем.
Подготвено од А.Ѓ.