prespansko ezero

27.04.2023 Скопје

Со милениуми Преспанското Езеро било недопрено. Но, под притисок на климатските промени, неконтролираното пумпање и загадувањето, праисториското водно тело во југоисточна Европа се намалува со алармантна брзина.

Се верува дека Преспанското Езеро кое се протега на границите на Албанија, Грција и Република Северна Македонија е дом на илјадници видови кои се потпираат на водата и неговото околно живеалиште.

Затоплувањето на температурите направи хаос на годишните снежни врнежи во областа, сушејќи ги виталните потоци што се влеваат во Преспа, што ги доведе во опасност видовите кои зависат од езерото и блиската вода.

Падот на врнежите доведе до постојано повлекување на водата, која на некои места се повлекува и до три километри, според чуварите на парковите кои внимателно го следат езерото.

„Претходно имаше многу повеќе снег кој можеше да достигне еден метар или метар и половина, додека во последниве години снежните врнежи речиси и да не постоеја“, истакна Горан Стојановски, кој помина повеќе од една деценија следејќи го езерото во Република Северна Македонија.

Други експерти се согласуваат, укажувајќи на бројните начини на кои последиците од климатските промени доведоа до постојано намалување на нејзините брегови.

„Промените забележани во нивоата на езерото се поврзани со климатските промени“, рече Спасе Шумка, професор на Земјоделскиот универзитет во Тирана во албанскиот главен град.

Шумка посочи на повисоките температури кои исто така го зголемија испарувањето и ги намалија годишните врнежи.

„Врз основа на локацијата, единственото решение е во заедничко дејствување“, додаде професорот.

Загадувањето на животната средина што доаѓа од земјоделските истекувања од навидум бескрајните редови на околните овоштарници само ги зголемува нејзините проблеми, што доведува до цветање на алги што поттикнува страв од создавање мртви зони.

„Езерото е интензивно загадено со децении“, вели Златко Левков, биолог од Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје.

„Едноставно кажано, живеалиштето на многу видови би можело целосно да се промени, а популацијата на тие видови би се намалила и потенцијално би изумрела“, додаде Левков.

Според експертите, Преспанското Езеро е старо помеѓу една до пет милиoни години, што го прави едно од најстарите слатководни екосистеми на континентот. Приближно две илјади видови риби, птици и цицачи, заедно со многу флора, ја користат водата на езерото за опстанок.

Понатамошната деградација може да се покаже како катастрофална за локалниот екосистем, но и за соседното Охридско Езеро кое се наоѓа на 10 километри на запад.

Поради местоположбата на Преспанското Езеро на повисоко место, Охридското Езеро се потпира на подземните водни текови низ околниот варовник за да ги одржува своите нивоа.

Секој дополнителен стрес натрупан во Преспанското Езеро веројатно ќе се почувствува низводно во Охридското Езеро, кој беше изложен на ризик да го изгуби своето место на листата на природни светско наследство на УНЕСКО пред само две години поради прекумерното загадување и нерегулиран развој.

Според извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), околу 65 тони пестициди се користат годишно во регионот, при што големи количини на хемикалии стигнуваат до Преспанското Езеро преку истекување.

Пестицидите и вештачките ѓубрива во голема мера се користат во јаболковите насади кои се познати во регионот, а сочинуваат околу 70 проценти од економската активност во и околу брегот на Преспанското Езеро во областите на езерото во Република Северна Македонија.

„Фрлањето биоразградлив отпад и прекумерната употреба на ѓубрива и пестициди“ го поттикнаа брзиот раст на биомасата во езерото, вклучувајќи ги алгите и инвазивната трева, што ги загрозува ендемичните видови, соопшти УНДП.

Во последниве години беа покренати огромен број иницијативи за подобро управување со последиците од земјоделскиот сектор.

Еден проект е со изградба на осум метеоролошки станици кои собираат податоци кои им даваат на земјоделците подобри информации за тоа кога да прскаат пестициди, што резултира со намалување на нивната употреба за 30 проценти.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author