15.04.2023 Скопје
Министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Кралството Шпанија, Хозе Мануел Албарез Буено, вчера оствари работна посета на Република Северна Македонија, на покана на министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи искажа задоволство што оваа прва историска билатерална посета на министер за надворешни работи од Кралството Шпанија на нашата држава се случува во предвечерието на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи следната година меѓу двете држави и воедно во пресрет на преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Мадрид, како силна порака на поддршка на нашата држава кон европскиот пат.
За таа цел, двајцата министри потпишаа Меморандум за разбирање меѓу министерствата за надворешни работи на Република Северна Македонија и Шпанија за развој на соработката во процесот на пристапување на земјава во Европската Унија.
Со голема благодарност за константната поддршка од официјален Мадрид за нашиот евроинтегративен процес, министерот Османи потенцираше дека Република Северна Македонија останува силно посветена во исполнувањето на неопходните обврски за продолжување на процесот на пристапни преговори, како влог во нашата иднина, се наведува во соопштението на МНР.
На средбата се водел дебата и за соработката во рамки на ОБСЕ во духот на актуелниот геополитички контекст, при што Османи, во својство на претседавач на ОБСЕ, истакна дека Украина останува прв приоритет на претседавањето со Организацијата, стои во соопштението од МНР.
Подготвено од М.Н.