27.04.2023 Скопје
Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, во изминативе четири дена ги презентира успесите на фестивалот на Самитот на уметнички фестивали во Гирона, Шпанија, во чии рамки се одржа и 70. Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА).
Поповиќ, која пред две години ја доби титулата почесен делегат на ЕФА, рече дека членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека фестивалот „Охридско лето“ е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација, а потврда за тоа е високата оцена од Асоцијацијата со која „Охридско лето“ се искачи на високото петто место меѓу 140 фестивали, членки на ЕФА.
„Културата, уметноста и традицијата го опишуваат кодот на секој народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност. Токму „Охридско лето“ е кодот на културата на Балканот, најголемиот промотор на соработка на новата визија на иницијативата „Отворен Балкан“, која отвора нова култура. Фестивалот „Охридско лето“ е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како еден од најистакнатите културни настани во Европа и во светот, фестивал со вековна отвореност кон културите создавајќи духовна интеракција во размената на светските добра. Повеќе од половина век, фестивалот „Охридско лето“ претставува најголема културна музичко-сценска манифестација, препознатлива не само кај нас туку и во светски рамки, цврсто чекорејќи кон остварување на мисијата – културна Европа со заеднички врвни културни вредности“, кажа во својот говор директорката Поповиќ.
Пред првите луѓе на ЕФА и над 300 делегати и претставници на најдобрите европски фестивали, Поповиќ зборуваше и за богатата фестивалска историја на „Охридско лето“, во градот кој е духовен центар на македонската култура.
На четиридневниот собир во Гирона и Паралада, Поповиќ оствари и многубројни средби на кои беше потенцирана улогата на уметноста, фестивалите и на фестивалските чинители во општеството.
ЕФА вклучува над сто фестивали од 40 земји. Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е значаен партнер на Асоцијацијата. На минатогодишното фестивалско издание, високи претставници на Европската асоцијација на фестивали, предводени од претседателот Јан Бриерс, беа дел од свеченото отворање на фестивалот со четворицата врвни италијански тенори: Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини.
Подготвено од А.Ѓ.