12.04.2023 Скопје
Во текот на вчерашниот ден, министерката за одбрана Славјанка Петровска се сретна со специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт Департмент, Џејмс Рубин со кого разговараше за штетното влијание на дезинформациите особено имајќи ја предвид безбедносната состојба во регионот и руската агресија врз Украина, како и за начините како Министерството за одбрана ги развива своите капацитети за справување со дезинформации.
„Хибридните закани вклучувајќи ги и дезинформациите имаат за цел да ја намалат нашата општествена отпорност и да предизвикаат внатрешни поделби и недоверба на граѓаните во институциите и нивната ефикасност. Затоа, мораме да имаме здружен пристап кој ги обединува напорите на сите чинители во општеството во соочувањето со овој предизвик”, рече министерката Петровска на средбата каде ја поздрави и отвореноста на Центарот за глобален ангажман за блиска соработка со институциите во Република Северна Македонија.
Петровска порача дека јасно видливо е зголеменото ниво на дезинформации поврзани со поддршката која Република Северна Македонија ја дава за одбрана на Украина, исто како што тоа беше евидентно и во однос на полноправното членство во НАТО.
Во однос на институционалните капацитети на Министерството, министерката истакна дека одбраната работи континуирано и систематски во развојот на способностите за справување со дезинформации и дека има видлив прогрес во организацијата на системот.
Специјалниот пратеник Џејмс Рубин ги поздрави напорите на Република Северна Македонија за развој на капацитети за справување со дезинформации и изрази подготвеност Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт Департмент да ја поддржи нашата земја со техничка експертиза и искуства. Воедно, додаде дека информациската и дигитална револуција треба да биде во функција на ширењето на демократијата и вистината, а не да се злоупотребува за поткопување на демократијата и глобалната безбедност.
„Заедничкиот пристап и соработка е најдобриот начин за успешно спротивставување на заканите во информацискиот простор“, рече Рубин.
На средбата стана збор и за развојот на Регионалниот центар за односи со јавноста кој е НАТО – Партнерски центар, а е во фаза на добивање на институционална акредитација од страна на Алијансата и ќе функционира како НАТО Школа за односи со јавноста.
Подготвено од А.Ѓ.