partizan real madrid

28.04.2023 Скопје

Кога експедицијата на Партизан пред неколку дена отпатува во Мадрид на двомеч против домашниот Реал на стартот од четвртфиналната серија од плејофот во Евролигата, веројатно секој навивач на Белград ќе беше задоволен со една победа во тие два меча, но избраниците на Жељко Обрадовиќ на своите симпатизери им приредија двојно поголемо задоволство.

По драмата во првиот меч, победничката тројка на Кевин Пантер во последната секунда, Партизан беше уште подобар и поубедлив вчеравечлер во Мадрид, но кога требаше да ја запечати втората победа, следеше општа тепачка со водство на Партизан со 95: 80.

Реал беше ослабен на вчерашната средба со неиграњето на повредениот центар Валтер Тавареш, не беше подготвен за него и Фабијан Козер, но во исто време тренерот Ќус Матео можеше да смета на закрепнатиот Поаре. Исто така, за разлика од првиот натпревар, неколку минути одигра и легендарниот мадридски шпиц Серхио Љуљ.

Партизан во својот стандарден состав веднаш успеа да го наметне својот ритам на игра, Пантер ја постигна својата прва тројка во воведните минути, а со поените на Мадар и Лесор „црно-белите“ стигнаа до водство од 7:0 и веќе тогаш тренерот на Реал, Ќус Матео мораше да го побара својот прв тајм-аут од играта.

Тој прекин не им помогна многу на домашните, Партизан ја задржа предноста и преку Ледеј стигна до „плус девет“ – 16:7.

Главната улога во тимот на Партизан потоа ја презема Данте Ексум, кој постигнува дури 11 негови поени, додека на другата страна Марио Хезоња и Руди Фернандез најмногу проблеми и задаваат на одбраната на „црно-белите“.

Со тројката на Нанели, Партизан дојде до водство од 13 поени, беше 31:18, а на почетокот на втората четвртина Хезоња и Руди Фернандез успеаја да ја намалат разликата на половина. И не само тоа, по промашениот удар на Нанели, Хезоња со уште една тројка намали на 31:28.

Но, како што во првата четвртина Ексум ги имаше „своите пет минути“, Ален Смаилагиќ се истакна во втората четвртина, постигна седум поени и Партизан повторно отиде на двоцифрена разлика – 40:30.

На крајот на полувремето Партизан дојде до максималната разлика од 15 поени, а на полувремето зема „плус 14“ – 51:37.

Почетокот на вториот дел го одбележа Матијас Лесор, најпрвин со забивање, а потоа и со ефективна „рампа“ на Родригез. Но, како оваа блокада да ги „налути“ мадриѓаните кои од тој момент играа со многу повеќе енергија во одбраната, а забивањата на Поарје и Муса им ја вратија самодовербата, што и публиката ја препозна и се посилно ги поддржуваше домашните.

Партизан беше доста потресен, имаше многу грешки и неуспеси и Реал со серија од 9:0, по тројката на Руди Фернандез дојде на пет поени – 53:48. Жељко Обрадовиќ мораше да го запре налетот на домаќините со тајм-аут, по што Нанели погоди тројка на крајот од нападот за 56:48. Тоа трио ги смири мадриѓаните, ја стабилизираше играта на Партизан, кој повторно ја презеде контролата и се задржа на десет поени разлика.

На крајот од третата четвртина Реал возврати со тројки на Руди Фернандез кој беше многу расположен, а своја минијатура во тие моменти имаше и Габриел Дек, но Партизан одигра фуриозно во последната половина минута од оваа дел од играта – прво тројка на Ледеј, потоа следеше одлична одбрана на Аврамовиќ и контра за 76:62 на крајот на третата четвртина.

Така, без разлика на големиот притисок од домашните, во третата четвртина Партизан успеа да ја одржи разликата што ја имаше на полувремето.

На почетокот на четвртиот дел Партизан со четвртата тројка на Кевин Пантер стигна до максималните 17 поени предност – 79:62. Ќус Матео мораше да бара тајм-аут, по што погодија Хезоња и Јабуселе, но Ексум во тие моменти не дозволи домашните да се доближат.

И Партизан го издржа обидот на Реал да фати приклучок, па со тројка Ледеја стигна до нова максимална предност – 87:69 на шест минути до крајот.

И кога Партизан рутински го приведе натпреварот до крај, следеше тежок инцидент.

Веќе се беше јасно, Партизан по втор пат го победи Реал во Мадрид, а потоа на паркетот изби општа тепачка која ја започнаа Пантер и Љуљ.

Може да се каже дека се започна неколку моменти порано кога Винсент Поарје намерно го турна Кевин Пантер во центарот, но се заврши само со фаул.

Уште во следниот напад Љуљ направи неспортски прекршок врз капитенот на Партизан, па тогаш зоври и Пантер.

Тој ја крена тупаницата кон шампионот Љуља, му ги покажа мускулите и потоа се приближија останатите играчи.

Ексум сакал да ги раздели, но Јабуселе му пришол одзади, го фатил со боречка рачка и дивјачки го соборил на подот.

Следеа неколку минути гледање на видеото, сите ги чекаа судиските одлуки, но веднаш беше јасно дека Јабуселе ќе биде исклучен.

На крајот резултатот беше 80:95 за одличниот Партизан.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author