03.04.2023 Скопје
Република Северна Македонија се соочува со недостиг на одредени профили на здравствени работници. Најмногу недостигаат медицински сестри, општи лекари и лекари специјалисти.
Причините за недостигот се заминување во странство за повисоки плати и подобри услови за работа, како и заминување во пензија.
Германија и Италија се меѓу најатрактивните земји за работа на нашиот медицински кадар. Според доктори и лица добро упатени со состојбата во здравството кај нас, токму овие две држави имаат најпримамливи работни услови за нашите лекари и медицински сестри.
Од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита истакнаа дека, покрај заминувањето во странство, како една од причините за намалување на бројот на медициски сестри, тука се и измените на Законот за работни односи со кои се исклучи можноста за продолжување на работа и по 64 години. Така, по основ на старосна пензија, велат од Синдикатот, годинава ќе заминат 80 медицински сестри.
За да ги задржиме лекарите во нашата земја, од Лекарската комора истакнаа дека треба да се поедностави политиката за вработување во јавното здравство.
Подготвено од М.Н.