osmani makedonija

26.04.2023 Скопје

Денес во Брисел се обрати министерот за надворешни работи Бујар Османи пред членовите на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET), на чија агенда беше пристапниот процес на Република Северна Македонија во ЕУ.

Османи говореше за историскиот исчекор кој „нашата држава го направи со отпочнувањето на пристапните преговори минатата година, за што беше потребна политичка храброст со цел остварување на нашата прва зацртана стратешка цел – членство во ЕУ, во интерес на нашите граѓани“.

„Потполно сум свесен за дилемите и стравовите на моите сограѓани дома. Ги почитувам и постојано се трудам аргументирано да дебатирам. Ни претстои неповторлива шанса конечно да отскокнеме и да ја зацврстиме нашата самодоверба, почитување и заедничка мисија. Таа во моментов поради демократски зовриената размена не се препознава добро, но набрзо ќе се соочиме, секој на свој начин, со сопствената одговорност. Напред кон Европа со повеќе интеграција долж патот до полноправно членство или назад повторно кон поделби и залудно изгубено време“, порача Османи.

Министерот ги информираше европратениците, членови на Комисијата за успешниот тек на скрининг процесот на европското законодавство, реафирмирајќи ја нашата посветеност кон зајакнување на функционирањето на демократските институции и на владеењето на правото, како области од клучно значење за натамошниот тек на преговорите.

„Подготвени сме за постигнување консензус меѓу политичките партии за клучните области од реформите и европската агенда и за зајакнување на соработката со Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции како форуми за водење на конструктивна дебата за ЕУ реформите и пристапните преговори“, подвлече Османи.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author