12.04.2023 Скопје
Обединетите нации започнаа ревизија на нивните операции во Авганистан и побараа од целиот персонал во земјата да не доаѓа на работа барем до мај, откако Талибанците им забранија на женскиот персонал на организацијата да работи.
ОН минатата недела соопштија дека Талибанците, кои дојдоа на власт во 2021 година, рекоа дека авганистанските жени нема да можат да работат за глобалната организација. Талибанските власти не ја коментираа наредбата.
„Преку оваа забрана, де факто властите на Талибанците се обидуваат да ги принудат Обединетите нации да направат ужасен избор помеѓу останување и поддршка на авганистанскиот народ и придржување до нормите и принципите на кои сме обврзани“, истакна Мисијата на ОН (Унама) во изјава денес.
ОН наведуваат дека спроведувањето на наредбата би ја прекршило повелбата на организацијата, но бараат 3.000 вработени мажи и жени да останат дома до 5 мај додека не се спроведат „неопходните консултации“.
Некои меѓународни претставници изразија загриженост дека донаторите би можеле да ја повлечат поддршката за програмата за хуманитарна помош во Авганистан, најголемата во светот, и дека спроведувањето на некои програми и доближувањето до жените во конзервативната земја не би било можно без работнички.
Подготвено од А.Ѓ.