24.04.2023 Скопје
Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) и Здружението на историчари на Македонија реагираат дека со спојувањето на повеќе предмети во Концепцијата за основно образование на Министерството за образование и наука (МОН) ќе се намали бројот на работни места во секторот образование, а истото може да предизвика појава на технолошки вишок.
Станува збор за Концепцијата која е воведена од 2021, и која почна со тогашните деца од прво и четврто одделение, па следеа новини во програмата кога стигнаа тие ученици во второ и петто одделение, и наесен треба да ги опфати кога ќе бидат трето и шесто одделение. Со таа програма, се спојуваат предметите историја, граѓанското образование и географија“ во „Историја и Општетство“.
Синдикатот вели дека спојувањето на предмети може да предизвика појава на технолошки вишок, земајќи го во предвид моменталниот закон во кои висината на платата се исплаќа според бројот на наставни часови.
„Ќе ги преземеме сите расположливи средства да се заштитиме самите себеси како и нашите права и нашиот углед. Во периодов имаме раст на бројот на членови и формирање на нови организации низ повеќе општини и училишта, во брзо време ќе се стекне со репрезентативност и на располагање ќе ни стои алатката за прекин на работниот процес во форма на штрајк“, вели Томислав Гиевски, претседател на НСОН.
Од Здружението реагираат дека историјата мора да остане посебен предмет во образованието за шесто одделение, и дека се против тоа што со Концепцијата е укинат предметот Историја.
Подготвено од А.Ѓ.