03.04.2023 Скопје
Во измените во Законот за ДДВ, кои се во собраниска процедура, е предвидено дека Нетфликс, Гугл, Мета и Епл ќе плаќаат данок на додадена вредност во земјава.
Според текстот на Законот, данокот во име на овие компании ќе го плаќаат даночни застапници и тоа од 1 јули годинава.
На пример, досега за да ги гледате омилените серии на „Нетфликс“ плаќавте електронски. Од тие пари компанијата што нуди услуга во земјава не ѝ плаќаше данок на државата. Слично е и со некоја апликација што сте ја симнале од „Плеј стор“ (Play store) и за тоа сте ѝ платиле на компанијата, но таа не ѝ платила данок на државава.
Ова треба да се смени од 1 јули годинава, до кога овие компании имаат обврска да изберат даночен застапник што во нивно име ќе плаќа данок кон македонската Управа за јавни приходи.
Од Управата за јавни приходи информираат дека овие измени кај законот за ДДВ предвидуваат обврска за странските компании што немаат седиште или подружница на територијата на Република Северна Македонија, а вршат промет на добра и услуги на територијата на Република Северна Македонија, што подлежи на оданочување со ДДВ, да назначат даночен застапник, кој ќе има обврска во име и за сметка на странското лице да врши пресметување на данокот на додадена вредност, поднесување даночна пријава за плаќање ДДВ и за плаќање камата во случај на задоцнето плаќање на ДДВ, како и да води евиденциски обврски во име на странското лице. Назначувањето ќе се врши со поднесување пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност заедно со потребната докумeнтација до Управата за јавни приходи.
Измените се дел од законите што беа предвидени со даночната реформа што требаше да стапи во сила на почетокот на оваа година. Но, од сите закони, досега е донесен само Законот за персонален данок. Законите за данок на добивка и за ДДВ се заглавени на второ читање пред собраниската комисија за финансирање и буџет.
Даночната реформа требаше да обезбеди 70 милиони евра дополнителни средства во буџетот за оваа година.
Во согласност со податоците на Министерството за финансии, за извршување на буџетот во првите два месеца од оваа година се собрани помалку пари од ДДВ од лани, и покрај високите цени и инфлацијата. Заклучно со февруари во буџетот влегле 169,7 милиони евра од овој данок или над 11 милиони евра помалку споредено со лани, кога сè беше поевтино.
Подготвено од А.Ѓ.