04.04.2023 Скопје
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на Конференцијата „Нови визии за Западниот Балкан: Пристапување во ЕУ и регионална безбедност”, во Рим истакна дека, неопходна е успешна социо-економска транзиција и поттикнување на интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ уште пред нивното членството.
За нашите граѓани е значајно да видиме промена на подобро во секојдневниот живот, предочи министерот Османи, кој учествуваше на Конференцијата во рамки на работната посета на Рим и учеството на Министерскиот состанок за Западен Балкан, и нагласи дека земјава позитивно придонесува за регионалната стабилност со давање поддршка на соседите и со иницирање нови формати на соработка.
На конференцијата во Рим, која е коорганизација на Министерството за надворешни работи на Италија, Институтот за меѓународни работи од Рим и Опсерваторијата Балкан од Тренто, покрај домаќинот, италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи и меѓународна соработка Антонио Тајани, учествуваа шефовите на дипломатиите од државите во регионот и на Шведска Тобиас Билстром, еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји и реномирани експерти и политички аналитичари од тинк-тенк институти од регионот.
Подготвено од М.Н.