13.04.2023 Скопје
Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека наскоро Министерството за правда ќе ги објави и имињата на експертите од академската фела од работната група за уставни измени.
Ковачевски на прес-конференција соопшти дека во текот на наредниот период Министерството за правда ќе ги објави и експертите кои што доаѓаат од академската фела доминатно и од стручната, односно оние кои се занимавале со уставната проблематика во пракса и откако тоа ќе го направи Министерството за правда тогаш ќе започне пратичната работа на комисијата која треба да ги изработи амандманите и коишто потоа ќе бидат доставени до Владата и ќе влезат во собраниска процедура.
Во однос на барањето на Македонците – муслимани да влезат во Уставот, премиерот Ковачевски изјави дека тоа ќе биде исто така работа на комисијата, бидејќи не се работи само за едно барање туку се работи за повеќе барања.
Во однос на противењето на опозицијата за уставни измени, премиерот Ковачевски изјави дека опозицијата била против членството во НАТО, а Република Северна Македонија е веќе членка на НАТО, исто така истакна дека опозицијата била и против договорот со Фронтекс, и против отпочнување на преговорите со ЕУ, односто дека опозицијата се противи за се она што е добро за државата.
На прашањето за хонорарите на експертите, премиерот Ковачевски истакна дека тоа треба да го определи Министерството за правда.
Подготвено од М.Н.