26.04.2023 Скопје
Вчера, Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка и координација со полициски службеници од ПО Шуто Оризари, во рамки на проектот „Безбедност во училиштата“, а на тема „Улога на полицијата во демократското општество“, организираше и реализираше превентивно- едукативно предавање со учениците од основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во општина Шуто Оризари. Во рамки на работилницата на која што беа присутни ученици-претставници на училишниот Клуб за превенција беше разговарано за улогата и функцијата на полицијата во спроведувањето на законите, потоа за заштитата на детските права, а во тој контекст беше нагласена и важноста од соработката меѓу училиштата и полицијата како клучен фактор во механизмите на превенција и обезбедување на сигурност за децата и нивна заштита од девијантни и социо-патолошки појави.
Исто така, денеска Одделението за превенција при СВР Скопје во соработка и координација со полициски службеници од ПСОН Карпош, организираше посета на оваа полициска станица од страна на децата од предучилишна возраст од ЈУГД „Орце Николов“, на тема „Запознавање со професијата полицаец“. Притоа, на децата им беше објаснета улогата на полицискиот службеник, а особено внимание се посвети на запознавање на децата со основните знаења од областа на сообраќајот прилагодени на нивната возраст. Воедно им беа презентирани опремата и возилата кои полициските службеници ги користат при извршувањето на секојдневните задачи.
Подготвено од А.Ѓ.