19.04.2023 Скопје
Апелациониот суд во Аргентина денеска потврди дека ќе им се суди на осуммина медицински професионалци обвинети дека се одговорни за смртта на фудбалската легенда Диего Армандо Марадона.
Неврохирургот Леополдо Лук, психијатарот Агустина Косачов и уште шестмина поднесоа жалба на одлуката на судот од 2022 година да им се суди за убиство со потенцијално отежнувачки околности.
Осумте обвинети поднесоа жалба до судот во Сан Исидро, северно од Буенос Аирес, за сериозноста на обвиненијата, тврдејќи дека треба да бидат обвинети за убиство од небрежност.
Обвинителството ги обвинува лекарите дека учествувале во „несовесно“ и „недоволно“ домашно лекување на пациентот. Датумот на почеток на процесот не е одреден.
Марадона почина во ноември 2020 година на 60-годишна возраст додека се опоравуваше од операција на мозокот поради згрутчување на крвта и по повеќедецениска битка со зависност од кокаин и алкохол.
Тој беше пронајден мртов во кревет две недели по операцијата во изнајмена куќа во Буенос Аирес. Утврдено е дека починал од срцев удар.
Подготвено од А.Ѓ.