19.04.2023 Скопје
Во текот на вчерашниот ден пред Регионалниот суд во Клагенфурт се појави државјанин на Босна и Херцеговина (26), кој наводно бил дел од групата која во ноември 2017 година ја ограбила банката Рајфајзен во Шифлинг и во таа прилика одзел речиси 200.000 евра плен.
Самиот грабеж бил повеќе од брутален бидејќи го нападнале директорот на експозитурата и го удриле со пиштол. Денеска пред судот се појави 26-годишен државјанин на БиХ бидејќи се товари како соучесник во грабеж, но судењето на крајот беше одложено бидејќи мора да биде лоциран друг сведок, кој наводно се наоѓа во БиХ.
Она што од претходно се знае е дека во самиот грабеж учествувале четири лица, двајца биле директни извршители, а двајца соучесници.
Инаку, австриската полиција речиси шест години се обидува да влезе во трага на оваа криминална група. Имено, еден од насилниците, 33-годишен државјанин на Босна и Херцеговина, веќе е осуден на пет години затвор во есента 2022 година. Токму тој го предаде осомничениот кој денеска се појави во судот. Имено, осомничениот наводно го управувал автомобилот во кој побегнале разбојниците, но тој тврди дека е возач на легална агенција за рента-кар, и дека возилото било нарачано.
Меѓутоа, австриските медиуми пренесуваат дека сите вклучени во овој процес имаат толку многу различни приказни што веќе никој не знае која е вистината.
Имено, главниот осомничен наводно нарачал возило кое преку Словенија требало да го однесе дома. Но, синот на главниот осомничен, кој наводно и самиот учествувал во грабежот, го обвинува возачот за неговата вмешаност.
На крајот, остана само да се одложи судењето до понатамошно известување, додека не се најде нов сведок на Обвинителството. Обвинетиот тоа време ќе го помине во притвор.
Подготвено од А.Ѓ.