srbija i kosovo

19.04.2023 Скопје

На денешен ден, пред 10 години, беше потпишан Првиот договор за принципите на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, кој беше склучен под покровителство на Европската унија.

Преговорите ги водеа тогашниот премиер на Србија, Ивица Дачиќ, и премиерот на Косово, Хашим Тачи, со посредство на високата претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон.

Договорот со кој започна нормализацијата на односите со Косово има 15 параграфи, од кои првите шест се однесуваат на формирањето, опсегот и функциите на планираната ЗСО, а следните три на полицијата и безбедноста, со прецизирање на едни Полициски сили за цело Косово, вклучително и северно Косово, наречени полиција на Република Косово.

Дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ, започна во март 2011 година. Првиот бриселски договор беше потпишан на 19 април 2013 година, додека две години подоцна Косово и Србија потпишаа договор за Заедница на општини со српско мнозинство, со кој се усогласија општите принципи и клучните елементи.

Договорот од 2015 година се состои од 22 точки, во кои се прецизирани законската рамка, целите, организациската структура, односот со централните власти, буџетот и поддршката.

Оваа година двете страни го прифатија германско-францускиот предлог за нормализација на односите и се договорија за Анексот за имплементација.

Српската страна инсистира прво да се формира ЗСО, односно да се исполнат одредбите од Бриселскиот договор, за да се продолжи со понатамошна нормализација, а косовската страна одбива, наведувајќи дека формирањето на ЗСО не е во согласност со Уставот на Косово.

Подготвено од М.Н.

About Author