05.04.2023 Скопје
Управата за јавни приходи ги потврди информации дека кон граѓаните се испраќаат СМС пораки со кои се бара да извршат задолжителна пријава на лажна веб страница https: ujp-gov.mk/potvrda. Од оваа институција апелираат никако да не се отвора оваа лажна веб-страница, бидејќи се бара отркивање на многу важни лични податоци.
„Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните, да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба. Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со оваа состојба“, соопштија од УЈП.
Исто така и Министерството за внатрешни работи ги предупредува граѓаните да не наседнуваат на лажни електронски пораки што се испраќаат во име на директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски за наводна соработка со Европол, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено.
Од МВР апелираат да не се отвораат линкови и датотеки испратени во прилог на електронската порака што доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на компјутерскиот систем од малициозен софтвер.
Ваквите обиди за измама, како што велат, се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот.
Подготвено од М.Н.