https://www.flickr.com/photos/worldbank/16953090889

12.04.2023 Скопје

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) благо ја зголеми прогнозата за економскиот раст во еврозоната оваа година, но очекува мала рецесија во Германија.

Економијата на 20-члената зона на единствена валута ќе порасне за 0,8 отсто, што е подобар од растот од 0,7 отсто проценет во јануари, објави ММФ.

ММФ, сепак, очекува Германија да се намали за 0,1 отсто, што е пресврт од благиот раст што го прогнозираше во своето претходно ажурирање на Светската економска перспектива во јануари.

Новата прогноза на институцијата со седиште во Вашингтон е во спротивност со официјалните и експертските проценки во Германија, според кои сега земјата ја избегнува рецесијата оваа година.

Германското министерство за економија прогнозираше раст од 0,2 отсто, откако претходно очекуваше намалување поради енергетската криза предизвикана од конфликтот меѓу Русија и Украина.

Шпанската економија има подобри резултати, а ММФ прогнозира раст од 1,5 отсто, наспроти 1,1 отсто во претходните прогнози.

За Франција, втората по големина економија во еврозоната, се уште се очекува раст од 0,7 отсто, како и за Италија, чии изгледи се малку подобрени.

Надвор од ЕУ, британската економија се очекува да се намали за 0,3 отсто бидејќи земјата се бори со криза на трошоците за живот, но прогнозата е подобра од претходната проценка на ММФ за намалување од 0,6 отсто.

Светската економска перспектива на ММФ предвидува раст од 2,8 отсто за глобалната економија, што е намалување од 2,9 отсто во претходниот извештај по остри надолни ревизии за Јапонија и пазарите во развој.

Изгледите за раст на еврозоната за 2024 година се намалени на 1,4 отсто во однос на претходните 1,6 отсто.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author