18.04.2023 Скопје
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и додели на поранешната канцеларка Ангела Меркел Големиот крст за заслуги, највисоката државна награда во Германија, додека во исто време, нејзиното политичко наследство се повеќе се критикува и оспорува.
Критичарите во Германија се поделени во мислењата, според едни е „сосема прерано“ да му се додели ваква награда на поранешниот канцелар бидејќи, се уште не е јасно што е заслуга, а што неуспех.
Од друга страна се оние кои и даваат заслуга затоа што, според нивното мислење, таа успешно ги бранеше интересите на Германија и на Европската унија во период на огромни пресврти.
Во периодот додека Меркел ја извршуваше функцијата канцелар, Европската унија се соочи со банкарската, должничката и бегалската криза, Брегзит и негативниот став на САД за време на мандатот на Доналд Трамп.
Меѓутоа, за време на нејзиниот мандат, Германија не успеа да ги постигне целите за намалување на емисиите на стакленички гасови, истакнуваат критичарите.
Тие ја обвинуваат и дека е премногу мека кон Русија, додека зголемената енергетска зависност на Германија од Русија за време на нејзиниот мандат сега се толкува како грешка.
Подготвено од М.Н.