27.04.2023 Скопје
Италијанската премиерка Џорџија Мелони изјави дека Европската унија треба да го забрза процесот на пристапување на Украина како награда за нејзиниот придонес за европската безбедност во борбата против руската инвазија.
Украина е „станица за безбедноста на европскиот континент“, рече Мелони додека стоеше до украинскиот премиер Денис Шмихал, како дел од билатералната конференција во Рим, чија цел е подготовка на обновата на земјата.
„Најпаметниот начин да им се заблагодариме на Украинците за она што го прават е да се забрза можноста да станат дел од европските институции“, додаде Мелони.
Украина, која доби статус на кандидат за ЕУ заедно со Молдавија минатиот јуни, ги притиска своите европски партнери брзо да ја интегрираат во блокот, процес кој обично трае со години.
Во јануари, Шмихал изјави за Политико дека има намера да обезбеди членство во ЕУ во рок од две години, што значи почеток на пристапните преговори до крајот на 2023 година.
Но, досега Брисел внимателно избегнуваше да ги поддржи амбициозните цели на Киев.
Кога украинскиот претседател Володимир Зеленски го посети Брисел во февруари, претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен го пофали напредокот на Украина кон ЕУ, но рече дека „нема цврст распоред“ за пристапување, додавајќи дека тоа е „процес заснован на заслуги“.
Подготвено од А.Ѓ.