07.04.2023 Скопје
Македонските Бугари во Република Северна Македонија најавуваат формирање на политичка партија „Европски пат“.
Алијанса на Македонските Бугари – движење за национално единство и спас, скратено АМБ-ДНЕС, е иницијатор за формирање на новиот политички субјект.
Формирањето на политичката партија „Европски пат“ го најави првиот човек на АМБ-ДНЕС, Драган Цветковски, во видеоинтревју објавено на официјалниот Јутјуб канал на движењето.
Во видеоинтервјуто, Цветковски посочи дека АМБ-ДНЕС секојдневно работи на подобрување на животот на сите граѓани во Република Северна Македонија и за што побрзо зачленување на земјата во ЕУ. Патот кон ЕУ, според Цветковски, е многу пократок од 10 години и тој е „единствениот пат по кој во иднина ќе чекориме и само со наша целосна желба и посветеност ќе влеземе како полноправна членка на ЕУ“, потенцирајќи дека ЕУ, САД и сите амбасадори на дневна основа активно работат Република Северна Македонија и регионот што поскоро да се приклучат на Европскиот пат.
Како што изјави Цветковски, АМБ-ДНЕС има поднесено молба до Собранието за назначување на времен вршител на должност пратеник од редот на бугарската заедница, при што има поднесено и ургенција на молбата, но ниту од Собранието, ниту од пратениците до ден денес нема никаков одговор.
Првиот човек на АМБ-ДНЕС, исто така, истакна дека од досегашната работа на Владата во Скопје не се задоволни поради спората динамика на спроведување на реформите во сите сегменти и самата политичка партија „Европскиот пат“, „планира да учествува во секојдневната работа на институциите со активни цели и задачи“.
Во здружението АМБ-ДНЕС член може да биде секој граѓанин кој доброволно ќе пристапи и ќе ги прифати целите, задачите, методите и вредностите наведени во Статутот на официјалната веб страна: alijansa.org. Се што треба да направите е да кликнете на полето „Зачлени се“ и да ги наведете своите лични податоци. Воедно, на самата веб страна може да се забележи и уште едно поле „Вработи се“ со што доколку кликнете на истото и ги наведете своите лични податоци добивате можност за да бидете дел од идната европска администрација во Република Северна Македонија. Со самото тоа што ќе ги наведете своите лични податоци, можете да изберете повеќе поткатегории од областа на професионалната работа. Во дел од поткатегориите за вработување имате можност да изберете да бидете иден градоначалник, судија, пратеник, министер.
Претседателот на АМБ-ДНЕС, Драган Цветковски, за крај посочи дека иницијативата за формирање на политичката партија „Европски пат“ отпочнува со проект „Влада во сенка“ и ги повикува сите политички субјекти и граѓани во Република Северна Македонија да се приклучат во сеопштото движење за национално единство и спас.
Подготвено од А.Ѓ.