29.04.2023 Скопје
Грејната сезона за оваа година завршува утре, а со тоа и кризната состојба во енергетиката што ја прогласи Владата во септември минатата година, со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија во текот на целиот зимски период, како и топлинска енергија на жителите на Град Скопје кои се приклучени на системот за централно греење.
Од Стопанската комора неделава порачаа дека државата покрај поддршката на домаќинствата и компаниите кои се на регулираниот пазар треба да ги поддржи и компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија.
Како што посочи претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, доколку минатата година не и верувале на Владата и компаниите сами се здружеле и набавеле електрична енергија таа ќе ги чинела по 118 евра за мегават час просечно.
Азески побара конечно да има одговорност од Владата и најави дека една од можностите што им стои на располагање на компаниите, е по судски пат да бараат надомест за штетите што ги претрпеле од неисполнетите владини ветувања.
Треба да се побара и од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) заради издавањето на лиценци за трговија со електрична енергија на фирмите со само 5.000 евра гаранција и дозволувањето трговците со струја да немаат никаква одговорност ако ги прекинат договорите за снабдување што ги имаат потпишано со компаниите.
Од Комората укажуваат дека (РКЕ) треба да ја намали и маржата што се наплаќа за пренос на електрична енергија, бидејќи таа е пресметана во моментот кога цената на струјата беше од 400 до 500 евра за мегават час и не соодветствува на сегашните стабилизирани цени на берзата кои се движат од 120 до 150 евра за мегават час.
Во компаниите во земјоделскиот и прехранбениот сектор за 100 отсто биле зголемени трошоците во делот на електричната енергија кои влегуваат во финалната цена на производот, во хемискиот сектор до 250 отсто, во металуршкиот сектор до 470 отсто и во угостителството и туризмот од 80 до 340 отсто, а единствено во текстилната и кожарската индустрија влијанието било до 25 отсто.
Најголем дел од компаниите укажуваат дека ќе им се намали обемот на работа, ако и годинава има криза која ќе им ги зголеми трошоците за електрична енергија, а дел дури и не би можеле да функционираат воопшто.
Подготвено од М.Н.