https://www.facebook.com/photo/?fbid=625306889640630&set=pcb.625317096306276

24.04.2023 Скопје

Во просторот на Дом на АРМ / Музеј на тетовски крај, викендов во Тетово беше поставена музејската поставка „Ковчегот на љубовта“, која беше проследена со музичка придружба на градскиот хор „Штип 2019“. Оваа поставка во Тетово, дојде од Штип – градот под Исарот, а е дело на четири членки на Заедницата на Хрвати „Либертас“ од Штип, претставувајќи сериозен фонд на стари предмети, ракотворби, чипки и носии кои датираат од 50-тите години на минатиот век, а изворната локација е Хрватска.

Во воведот за музејската поставка, Марко Видачек истакна: „Македонско – хрватското друштво како домаќин на овој настан, ја има честа да ги угости нашите пријатели од Заедницата на Хрвати „Либертас“ од Штип, кои уште во 2021 година ја поставија оваа поставка како сведок за едно поинакво и можеби изминато време, а во чии предмети вткаен е сериозен труд, вистинска автохтоност и искрена желба за заштита на традиционалното и народното творештво“.

Музејската поставка ја отвори Долорес Петров, претседателката на Заедница на Хрвати „Либертас“ од Штип. Оваа музејска поставка за прв пат беше претставена во 2021.

Тетовци имаа можност да разгледаат предмети стари повеќе од половина век, а музичката придружба ја разубави целата атмосфера.

Чипка, вез, народни носии, покуќнина.

Како што беше речено на самото отворање, беше претставена збирка на разни предмети и реликвии од 50-тите години на минатиот век кои жени, мажени во Република Северна Македонија, ги донеле од Хрватска со себе во Штип. Затоа и името на оваа изложба е токму „Љубовен ковчег“, бидејќи прикажаното, во минатиот век, низ разни куфери и ковчези се носело во македонскиот простор. Еден таков куфер беше претставен и викендов, кој ја илустрира непобитната женска умешност и грижа за домот и саканите. А домот, како што беше кажано, е секаде каде што се чувствуваме добро, за овие жени порано беше Хрватска, а денес е Република Северна Македонија.

Оваа музејска поставка беше првата реализирана музејска поставка во повторно отворениот простор на Музејот, кој беше замислен како мултимедијален објект и административна музејска зграда.

За одличната атмосфера и дружење беше заслужен градскиот хор „Штип 2019“. Хорот изведе неколку хрватски и неколку македонски песни. Публиката имаше можност да ги слушне песните: „Ој, Савице“, „Гаравуша“, „Славонијо“, „Каде си мајко да ме разбудиш“. Тетовци особено ги интересираше изведбата на една од најпознатите тетовски песни „Од мерака за Трпана“.

Градскиот хор „Штип 2019“ под диригентство на Бажа Лазаревски бележи сериозни настапи во земјава и странство (Турција, Хрватска, Бугарија), а освен на претставување и негување на македонските народни песни, работи и на негување на македонските забавни песни.

Поставката за прв пат беше претставена во Штип, каде што се наоѓа седиштето на Заедницата на Хрватите „Либертас“. Тетово е првиот град кој е домаќин на оваа музејска поставка, а по успешната промоција во Тетово, Битола е следната дестинација. Музејската поставка беше отворена за прв пат во 2021 година. Активностите се финансиски поддржани од Централната државна канцеларија за Хрватите во странство.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author