eu i kosovo

25.04.2023 Скопје

Комитетот на министри на Советот на Европа на вонредна седница одлучи дека барањето на Косово за прием во таа паневропска организација треба да се проследи на парламентарното собрание на консултации.

Во одлуката, која е објавена на сајтот на Советот на Европа, комитетот на министри се повикува на Договорот за патот кон нормализација на односите на Косово и Србија од 27 февруари и неговиот имплементациски анекс од 18 март, за кои лидерите на двете страни постигнаа согласност во дијалогот со посредство на ЕУ.

Парламентарното собрание на Советот на Европа денес во Стразбур го почнува редовното пролетно заседавање.

Потенцијалната членка мора да ги исполнува критериумите на Советот на Европа во доменот на демократијата, почитувањето на човековите права и владеењето на правото.

Процесот на усогласување со стандардите на Советот на Европа го контролираат пратениците на парламентарното собрание, и доколку поднесувачот на барањето за членство добие двотретинско мнозинство гласови и во парламентарното собрание на Советот на Европа, барањето се враќа на комитетот на министри на конечна потврда.

Приштина на 12 мај минатата година поднесе барање за членство во Советот на Европа, а Косово досега успеа да стане полноправна членка во некои тела на Советот на Европа, како Банката за развој на СЕ (ЦЕБ) и Венецијанската комисија.

Подготвено од М.Н.

About Author