hakeri

28.04.2023 Скопје

Кристофер Реј, директорот на Федералното биро за истраги (ФБИ), рече дека кинеските хакери ги надминуваат американските агенти за сајбер безбедност најмалку „50 спрема 1“.

Тој додаде дека Пекинг има поголема сајбер програма од сите други светски сили заедно.

Зборувајќи со пратениците за време на сослушувањето во Претставничкиот дом на САД, Реј рече дека хакерите се способни да предизвикаат „повеќе штета од кога било досега“, со посебен акцент на „заканата од Кина“.

„Степенот на кинеската сајбер закана е неспоредлив. Тие имаат поголема хакерска програма од секоја друга голема нација заедно, и украдоа повеќе од нашите лични и корпоративни податоци од сите други нации, големи или мали, заедно“, рече Реј.

Вашингтон се бори да остане во чекор со Пекинг, додаде тој.

„За да разберете против што се соочуваме, треба да знаете дека ако секој сајбер агент на ФБИ и разузнавачки аналитичар се фокусираат само на кинеската закана, ништо друго освен Кина, кинеските хакери сепак би го надминале сајбер персоналот на ФБИ за најмалку 50 спрема 1 “, објасни Реј.

Шефот на Федералното биро за истраги тогаш предупреди на сајбер напади од други странски земји, вклучувајќи ги Русија, Иран и Северна Кореја, но рече дека Кина претставува најголема закана за приватноста и безбедноста на САД, укажувајќи на нејзината наводна „повеќеслојна стратегија“ да ги надмине Обединетите Држави како „глобална суперсила“.

ФБИ побара пари за да создаде околу 200 дополнителни сајбер позиции во бирото за да се справи со наводната закана од Кина, барајќи нешто повеќе од 63 милиони долари над буџетот од 10,8 милијарди долари што е веќе предложен за фискалната 2023 година.

„Нема земја што претставува позначајна закана за нашите иновации, нашите идеи, нашата економска безбедност, нашата национална безбедност од кинеската влада“, рече Реј.

Тој додаде дека поради ова го зголемиле бројот на истраги за заканите од Кина за околу 1.300 отсто.

Кинеските власти ги отфрлија американските наводи за хакирање и кражба на податоци, и наместо тоа упатија слични обвинувања против Вашингтон.

Претходно овој месец, кинеското Министерство за надворешни работи рече дека Соединетите држави сега се „најголемата закана за глобалната сајбер безбедност“ бидејќи се обидуваат да ја „одржат својата хегемонија во сајбер просторот“, повикувајќи ги САД да ги прекинат своите „глобални хакерски операции“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author