26.04.2023 Скопје
Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска телефонски разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кому му информирал дека Кина ќе испрати свои претставници во Украина и со сите страни ќе разговара за решавање на кризата во таа земја.
Ова е прв контакт меѓу двајцата лидери од почетокот на конфликтот во Украина, а Си му рекол на Зеленски дека Кина ќе испрати специјални претставници во Украина и со сите страни ќе разговара за решавање на кризата во таа земја.
Си рече дека Кина ќе се фокусира на промовирање мировни преговори и ќе вложи напори да постигне прекин на огнот што е можно поскоро.
„Како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и голема и одговорна земја, ниту ќе седиме со скрстени раце, ниту ќе долеваме масло на огнот, а камоли да се обидеме да профитираме од него“, рече Си.
Во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи не се споменува Русија, ниту дали Кина ќе испрати пратеник во Москва, но се наведува дека „нема победници во нуклеарна војна“ и дека преговорите се единствениот остварлив излез од војната.
„Сите заинтересирани страни треба да останат смирени и воздржани во справувањето со нуклеарното прашање и вистински да гледаат на иднината и судбината на себе и на човештвото како целина и да работат заедно на управување со кризата“, се вели во соопштението.
Украинските власти долго време го повикуваат Пекинг да го искористи своето влијание во Русија за да помогне да се стави крај на војната.
Зеленски на Твитер објави дека имал долг и значаен разговор со Кси.
„Верувам дека ова, како и назначувањето на украинскиот амбасадор во Кина, ќе дадат силен поттик за развојот на нашите билатерални односи“, рече Зеленски.
На почетокот на април, Си изрази подготвеност да разговара со Зеленски.
Украинскиот претседател постојано бараше средба од Си, особено по посетата на кинескиот претседател на Москва во март.
Претставникот на кинеското Министерство за надворешни работи Ју Џун рече дека разговорот меѓу двајцата претседатели ја покажува објективната и непристрасна позиција на Кина во меѓународните односи и нејзиното чувство за одговорност како голема земја.
АП ги цитира зборовите на Си Џинпинг, кој повтори дека Кина веќе доставила неколку серии хуманитарна помош за Украина и е подготвена да го продолжи тоа во рамките на сопствените капацитети.
Тој додаде дека украинската криза има силно влијание врз меѓународната ситуација.
„Кризата во Украина станува се потешка, што силно влијае на меѓународната ситуација. Во однос на прашањето за Украина, Кина постојано се залага за мир“, додаде кинескиот лидер.
Портпаролот на владата во Киев, Сергеј Никифоров изјави дека разговорот меѓу Си и Зеленски траел околу еден час.
Подготвено од А.Ѓ.