24.04.2023 Скопје
Во тек е јавен повик за доделување на субвенции за жителите на Општина Гази Баба за купување на велосипеди за 2023 година. Оваа мерка се реализира со цел да се стимулирааат граѓаните од оваа општина за користење на велосипеди и ќе трае во периодот од денот на објавувањето се до 30 ноември 2023 година, односно до исцрпување на средствата наменети за оваа намена со буџетот на Општина Гази Баба.
Средствата што Општина Гази Баба ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледувани по редослед според датумот и времето на пристигнувањето.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на општина Гази Баба, кои ќе купат нов велосипед од Република Северна Македонија во период од денот на објавувањето се до 30 ноември 2023 година односно до исцрпување на средствата наменети за оваа намена со Буџетот на Општина Гази Баба и кои немаат искористено субвенција за купување на нов велосипед.
За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество на Јавниот повик се исполнети, барателот е должен да ја поднесе следната документација:
• барање за субвенција за купување на еден велосипед со личните податоци, барањето може да се подигне во архивата на Општина Гази Баба или да се обезбеди од интернет страницата на Општината: www.gazibaba.gov.mk
• фотокопија на важечка лична карта на барателот, како доказ дека е жител на Општина Гази Баба
• фотокопија од трансакциска сметка исклучиво на барателот
• доказ дека е извршено купување на нов велосипед од Република Северна Македонија, и тоа фискална сметка издадена во Република Северна Македонија, со датум од денот на објавување на Јавниот повик се до исцрпувањето на буџетот наменет за Јавниот повик, при што задолжително е велосипед да е целосно отплатен, плаќањето на рати не се прифаќа.
Едно лице може само еднаш да аплицира за добивање на субвенција за купување на еден велосипед.
Купувачот на новиот велосипед своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик во архивата на Општината на адреса ул.Архимедова бр.2, секој работен ден од 07:30 до 16:30 часот. На пликот треба да е наведено: „Јавен повик за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на Општина Гази Баба за купување велосипеди во 2023 година”.
Подготвено од А.Ѓ.