21.04.2023 Скопје
Во координирана акција која ја придружуваше и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, Секторот за инспекциски работи при Општина Центар преку Инспекцијата за животна средина и Комуналната инспекција вчеравечер во доцните вечерни часови спроведоа вонредни инспекциски надзори во однос на контрола на бучавата од гласна музика од угостителски објекти при што беа извршени мерења на 4 локали од страна на акредитирана лабораторија.
Во рамки на акцијата спроведени се контролни мерења и на други локали да се провери дали се почитуваат претходно издадените решенија но не се забележани неправилности.
„Вчеравечер повторно извршивме вонредни инспекциски контроли во неколку локали со цел да се измери прагот на бучава и гласна музика. Ги чекаме извештаите од мерењата и доколку измерените вредности ги надминуваат граничните вредности ќе се спроведе санкционирање согласно Закон. Општина Центар многу често добива поплаки од жителите и затоа ќе продолжи со контролите за мерење на бучава и гласна музика во рестораните, кафе баровите и кафеаните. Казните за надминување на граничните вредности од бучава се движат од 6.000 до 13.000 евра во зависност од големината на субјектот односно дали се работи за микро или мал субјект и досега општината има изречено неколку казнени решенија“, вели Герасимовски.
Во вчерашната акција учествуваше и Комуналната инспекција која што постапуваше согласно Законот за јавна чистота во однос на урбаната опрема. Градоначалникот Герасимовски повикува сопствениците и управителите на локалите да ги почитуваат дозволените вредности на бучава, во спротивно ќе им бидат изречени глоби во согласност со Законот за заштита од бучава во животна средина.
Подготвено од А.Ѓ.