12.04.2023 Скопје
Италијанската влада предводена од екстремно десничарскиот премиер Џорџија Мелони прогласи вонредна состојба како одговор на илјадниците илегални мигранти кои пристигнаа во земјата во последните денови, објавија италијанските медиуми.
Мерката што ја предложи министерот за цивилна заштита и поморска политика, Нело Мусумечи, ќе се применува низ целата земја поради зголемувањето на бројот на мигранти кои пристигнуваат преку Средоземното Море.
Италијанската крајбрежна стража пресретна два рибарски брода со вкупно 1.200 мигранти во близина на Сицилија и Калабрија на југ, откако спаси речиси 2.000 луѓе кои од петокот го преминаа Средоземното Море.
Првиот брод, натоварен со околу 800 мигранти, бил спасен на повеќе од 120 милји југоисточно од сицилијанскиот град Сиракуза, според крајбрежната стража. Друг брод со 400 луѓе се јавил на повик за помош на мигранти и бил пресретнат од италијанскиот брод Дичиоти во близина на брегот на Калабрија.
Околу 1.700 мигранти се спасени од островот Лампедуза во изминатите 48 часа, објавија локалните медиуми.
Во меѓувреме, во Катана се подигаат две згради за сместување на околу 700 мигранти кои во изминатите неколку часа беа спасени во Јонското Море.
Италијанскиот вицепремиер и лидер на десничарската популистичка партија Лега, Матео Салвини, пред состанокот на владата во вторникот рече дека Италија е „апсолутно неспособна“ да управува со „илјадници пристигнувања дневно“ и дека „од клучно значење е Европа се буди и интервенира“.
„Тоа се зборува со години, но ниту еден прст не е кренат и време е да се покаже дека постои заедница, Унија и дека солидарноста не е одговорност само на Италија, Шпанија, Грција или Малта. Ние сме апсолутно неспособни да ги поддржиме економски, културолошки и социјално“, рече Салвини.
Околу 28.000 мигранти пристигнале во Италија во првите три месеци од 2023 година, 300 отсто повеќе од 6.800 регистрирани во 2022 година.
Подготвено од А.Ѓ.