04.04.2023 Скопје
Процесот на пристапување на нашата држава во ЕУ, регионалната динамика и обновувањето на интересот за Иницијативата И8 меѓу Република Северна Македонија, Италија, Албанија и Бугарија долж Коридорот 8 беа во фокусот на разговорите на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи со италијанскиот министер Антонио Тајани.
Од Министерството за надворешни работи соопштија дека Османи го поздравил обновениот и засилен фокус на Италија кон регионот со цел да го реактуелизира и забрза процесот на евроинтеграција на државите од регионот, истовремено промовирајќи дијалог и соработка.
Во соопштението на МНР стои и дека Османи го реафирмирал интересот од наша страна за продлабочување на меѓусебната соработка меѓу Република Северна Македонија, Италија, Албанија и Бугарија преку Иницијативата И8, со цел да се забрзаат инфраструктурните, енергетските, дигиталните и комуникациските инвестициски проекти долж трасата на транс-европскиот транспортен коридор 8, што истовремено ќе послужи и како политичка платформа за унапредување на политичката, економската, безбедносната, културната и социјалната соработка.
Подготвено од М.Н.