21.04.2023 Скопје
Градскиот хор „Штип 2019“ утревечер (22.04.2023) со почеток во 18 часот ќе настапи во просторот АРМ / Музеј на тетовскиот крај, во склоп на музејската поставка „Ковчегот на љубовта“ која за прв пат ќе биде претставена пред тетовската јавноста. Влезот е слободен.
Градски хор „Штип 2019“ под раководство на Баже Лазаревски кој ќе настапи утре во Тетово, има забележано сериозно настапи во земјава и странство (Турција, Хрватска, Бугарија, Србија), а покрај тоа што ја презентира и негува македонска народна песна, истовремено работи на негување и на македонската забавна песна. Тетовската јавност утре ќе има прилика да слушне во нивна изведба репрезентативни македонски и хрватски песни.
Хорот е музичка придружба на музејската поставка насловена „Ковчегот на љубовта“ која доаѓа од градот Штип, а во Тетово е домаќин Македонско – хрватското друштво. Музејската поставка е збир на стари предмети, ракотворби, традиционални носии, чипки и други предмети кои датираат од 50-тите години од минатиот век, а нивното потекло се поврзува со доаѓањето на луѓе од Хрватска во Штип.
Утрешната музејска поставка, проследена со хорска музика, ќе биде прва остварена музејска поставка во повторно отворениот простор Дом на АРМ кој е замислен како мултимедијален објект и управна зграда на Музејот на тетовски крај.
Подготвено од А.Ѓ.