04.04.2023 Скопје
Германскиот канцелар Олаф Шолц го посети Букурешт во понеделникот и се состана со романскиот претседател Клаус Јоханис, премиерот Николае Чиука и молдавската претседателка Маја Санду. За време на посетата тој рече дека Германија ја сака Романија во Шенген оваа година.
„Романија и Германија воено ќе ја поддржуваат Украина онолку долго колку што е потребно“, рече германскиот канцелар во Букурешт по состанокот со романскиот претседател Клаус Јоханис. Воедно, додаде дека е „добро да имаме партнер како Романија на кој можеме да се потпреме и Германија цврсто стои на страната на Романија, ова, исто така, значи вклучување на Романија во Шенген оваа година.
Олаф Шолц истакна дека ова партнерство се однесува и на позицијата на двете земји кон руската агресија во Украина. „Воено ќе ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно. Сакам да ја изразам мојата благодарност до Романија што прими бројни украински бегалци“, рече тој.
Околу 3,8 милиони Украинци транзитирале низ Романија бегајќи од војната. Над 110.000 одлучија да останат во земјата. Германија е домаќин на над милион Украинци во моментов.
Шолц, исто така, рече дека германската заедница во Романија, како и романската заедница во Германија, се мостови меѓу двете земји.
Романскиот претседател Клаус Јоханис, пак, рече дека Германија не е само најважниот економски партнер, туку и сигурен сојузник.
Претседателот Јоханис исто така изјави дека Германија и Романија имаат заедничка визија во однос на проширувањето на ЕУ: „Ние делиме заедничка визија за проширување на исток од ЕУ, со Република Молдавија и Украина“.
Подготвено од А.Ѓ.