11.04.2023 Скопје
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, смета дека покрај решавањето на проблемот со дивоградбите, Иницијативата за регулирање, конфискација и ре-употреба на бесправно изградени објекти има за цел да ја подигне јавната свест кај граѓаните да не инвестираат во објекти без правосилни одобренија за градба кои утре може да им бидат отстранети.
Герасимовски истакна дека доколку Иницијативата се преточи во законско решение, во иднина општините нема да се соочуваат со сегашниот проблем и огромниот број на дивоградби.
„За жал се случува и тоа да буквално на државно земјиште некој смогне сили и ризикува финансиски средства за да направи див објект. Инспекциските служби од страна на општината се постојано на терен, ги евидентираме тие објекти и почнуваме со постапување. Замислете се соочуваме со проблем на дивоградби коишто се изградени на државно земјиште од непознати сторители, и тоа не се случува само во Центар. Во овие случаи ние сме принудени да одвојуваме средства за рушење кои никогаш не можеме да ги наплатиме поради тоа што станува збор за непознати сторители. Затоа нашата цел преку Иницијативата е за таквите градби државата односно општините да не прават дополнителни трошоци туку тие да се одземат и пренаменат за друга намена“, рече Герасимовски.
Тој напомена дека иако Иницијативата првенствено ги таргетира дивите градби на непознати сторители, нималку не е лесен проблемот со отстранување на нелегалните објекти од познати инвеститори.
Подготвено од А.Ѓ.