03.04.2023 Скопје
Генералниот секретар на меѓународната воена организација, Јенс Столтенберг, изјави дека Финска утре ќе стане 31-та полноправна членка на Организацијата на Северноатлантскиот договор, НАТО, а нејзиното знаме ќе биде подигнато пред седиштето на Алијансата во Брисел.
Столтенберг, пред дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, истакна дека НАТО се радува на „историска недела“ и додаде дека Финска од утре ќе биде „полноправна членка на Алијансата“. Воедно, нагласи дека членството во НАТО ќе ја направи Финска побезбедна, а Алијансата посилна.
Генералниот секретар изрази желба Шведска што поскоро да го заврши процесот за членство. Веднаш по самитот во Мадрид одржан во јуни 2022 година, повеќето земји на НАТО го започнаа процесот на одобрување на членството на двете земји.
Процесот на ратификација во 30 земји-членки на НАТО заврши на 30 март со одобрение од Големото национално собрание на Турција за пристапување на Финска, која аплицираше за членство во НАТО во мај 2022 година.
Подготвено од А.Ѓ.