22.04.2023 Скопје
Се повеќе купувачи на автомобили во Германија не би имале проблем да купат кинески автомобил.
Речиси една третина (30 проценти) од 1.055 жени и мажи анкетирани од порталот Carwow можат да замислат дека нивниот следен автомобил ќе биде од Кина.
Сепак, 70 отсто одбиваат возила од Кина, додека кај Британците, исто така анкетирани од Carwow, таа бројка е 71 отсто.
Кинеските производители на автомобили кои сакаат да влезат на германскиот пазар, исто така, треба да привлечат нови возачи. Тие се борат со речиси целосен недостаток на свест за брендот и треба да ја променат моменталната перцепција на јавноста за квалитетот на нивните производи – вели извршниот директор на Carwow, Филип Сејлер.
За 19% од Германците и дури 27% од Британците потеклото на возилото е многу важен фактор, за 40% и 39% тоа е делумно одлучувачки фактор, пишува HAK Magazine. Од друга страна, за 41% од Германците и 34% од Британците, не е важно од која земја доаѓа брендот на автомобилот.
Кинеските производители на автомобили сакаат масовно да се прошират во Европа. Иако не успеаја во првите обиди поради големи дефекти во квалитетот и безбедноста, Кинезите сега очигледно ја научија лекцијата и работат на процесот на обезбедување на својот прв пазарен удел во Европа.
Ова особено се однесува на електричните автомобили, каде Кинезите се еднакви, па дури и технолошки супериорни во однос на германските, јапонските или американските производители на автомобили.
Токму поради оваа предност, кинеските производители можеа полесно да го освојат европскиот пазар отколку, некогаш, јапонските и корејските производители. Им требаа децении.
Подготвено од А.Ѓ.