petrovska taner

25.04.2023 Скопје

Во текот на вчерашниот ден, министерката за одбрана Славјанка Петровска и нејзината австриска колешка, Клаудија Танер, од прес-конференцијата во Министерството за одбрана упатија пораки дека евроинтеграцијата на Западниот Балкан е безбедносно прашање од највисок приоритет.

„Денеска на сите ни е јасно дека европската интеграција е и безбедносно прашање од највисок приоритет. На регионот му е потребна надеж и сигнал – дека не е заборавен и дека се уште претставува приоритет за Европската Унија и тоа го гледаме и во вашата посета, особено имајќи предвид дека Австрија е наш близок партнер и поддржувач во достигнувањето на оваа цел. Да не дозволиме да се создаде вакум во кој европските вредности ќе бидат заменети со други агенди кои во последно време се особено видливи преку хибридните закани, дезинформациите и лажните вести, како и сајбер нападите“, потенцираше Петровска и додаде дека ваквите напади не се воопшто наивни, туку имаат една повисока цел, а тоа е да се блокираат преговорите со ЕУ, да се подрие довербата во ЕУ, во НАТО, и во демократските институции.

Министерката Танер во однос на интеграцијата на регионот во Европската Унија, истакна дека за Австрија и понатаму главен приоритет во безбедносната и одбанбената политика останува проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан.

„Војната којашто се уште е присутна на Европското тло потенцира уште повеќе колку е битно нашите пријатели од Западен Балкан да ги поддржиме на нивниот пат кон Европската иднина и Унија. Од Австриска страна е посакувано да продолжат и да се реализираат пристапните преговори и тоа преку конкретни чекори кои ќе значат голем напредок. Стабилноста и безбедноста на земјите од Западен Балкан е нешто што треба да се постигне и тоа не е нешто што е цел само за тие земји, туку и вистинска цел и за нас. При тоа не треба да заборавиме на една околност. Војната во Украина се уште не е завршена, а крајот на оваа војна се уште не може да се согледа. Проширувањето на војната во насока на Европа, од гледна точка на нашите експерти не е исклучена можност. Затоа е уште повеќе битно, превентивно да се делува за да се зголеми стабилноста таму каде што е нужно“, рече Танер.

Во однос на билатералната одбранбена соработка, министерките Петровска и Танер истакнаа дека таа е на исклучително високо ниво и дека постои интерес и посветеност од двете страни оваа соработка да продолжи да се развива.

Петровска порача дека Република Северна Македонија како членка на Алијансата, но и држава која го започна пристапниот процес кон Европската Унија, изразува поддршка и има амбиција да се вклучи во одбранбените иницијативи на ЕУ, кои се комплементарни со улогата на НАТО.

„Силно веруваме дека вклучувањето во проектите и одбранбените иницијативи на ЕУ, ќе бидат од взаемна корист, ќе се зајакне безбедноста и стабилноста во регионот, а со тоа и во Европа“ истакна Петровска.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author