11.04.2023 Скопје
Еден од најактивните вулкани во Русија, Шивелуч утринава фрли пепел високо на небото и ги покри околните села, по што беше издадено предупредување за воздушен сообраќај над полуостровот Камчатка.
Огранокот на Руската академија за геофизички науки во регионот Камчатка објави дека ерупцијата Шивелуч била регистрирана нешто по полноќ и дека шест часа подоцна облак од пепел бил фрлен на површина широка околу 108.000 квадратни метри.
Лавата што го топи снегот се излева од вулканот, поради што е издадено предупредување за лизгање на кал покрај блискиот автопат, додека селата се покриени со пепел дебел 8,6 сантиметри, што е највисоко во изминатите шеесет години.
„Пепелта беше исфрлена до височина од 20 километри, а облакот се движи кон запад. Големо количество пепел падна на околните села“, изјави Данило Чебров, директор на огранокот на Академијата за Камчатка.
Според него, најверојатно вулканот ќе се смири, но не се исклучува исфрлање на поголеми облаци од пепел, додека лавата не треба да стигне до селото.
Тимот за одговор на вулканска ерупција на Камчатка (KVERT) издаде црвен аларм за воздушниот сообраќај и наведува дека „тековната активност може да влијае на авионите на меѓународни линии и на пониски височини“.
Официјален претставник од областа Уст-Камчатски, Олег Бондаренко, истакна дека поради ерупцијата некои училишта се затворени и дека на локалното население им било наредено да останат дома.
Подготвено од А.Ѓ.